Одржана работилница за поттикнување на интер-секторска соработка и поддршка на дијалогот во шумарството од страна на ПЗПМ
На 13 и 14 септември 2016 година, во Берово се одржа работилница во организација на Програмата за зачувување на природата во Македонија насловена: „Дијалог за регионална политика во шумарството: Регионален план за управување со шумите како можност за одржливо управување со шумите во Брегалничкиот регион“.
Работилницата започна со предавања за планирањето на стопанисување со шумите на ниво на предел, планирањето на управувањето со шумите во Швајцарија на национално, кантонално и локално ниво како и планирањето на стопанисување на шумите во Македонија. После тоа следуваше работата во групи на истата тема и презентација на предизвиците и можностите што ги опфаќа оваа дејност.
Вториот ден од оваа работилница се презентираа првите сознанија за интегрираното управување со шумите во горниот дел на Брегалничкиот регион, со резиме на студентската работа поврзана со темите за регионално планирање/стопанисување. Исто така беа разгледувани аспектите на користење на земјиштето, партиципативниот пристап, валидација на пределот и планирање на стопанисувањето со шумите. Регионалното планирање во стопанисувањето со шумите во Швајцарија беше разгледано преку конкретен пример „Ементал“ со процеси и бенефити од одржливото управување со шумите.
На оваа работилница покрај претставници на тимот од Програмата за зачувување на природата во Македонија, свои презентации имаа и проф. д-р Јурген Бласер (Бернски Универзитет за применети науки), д-р Душица Трпчевска-Анѓелковиќ (Агенција за планирање на просторот на РМ), Валтер Марти, дипл. шумарски инженер – Ементал и м-р Дејан Маџуковски од ЈП Македонски шуми.
За крај, погледнете го и нашето видео што го имаме изработено пред неколку месеци за одржливо управување со шумите и соработката помеѓу Шумарскиот факултет од Скопје и Бернскиот Универзитет за применети науки во рамки на ПЗП: https://www.youtube.com/watch?v=FCVMdOjM8tc