Одбележување на Денот на мрежата на НАТУРА 2000 во туристичкиот инфо-центар на Пониква, Осоговски Планини
Денот на мрежата на НАТУРА 2000 подрачја во Европа беше одбележан во туристичкиот инфо-центар на Пониква, Осоговски Планини, во присуство на претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), градоначалникот на општина Кочани, претставници од Фармахем, Македонското еколошко друштво (МЕД), претставници од Швајцарската агенција за развој и соработка, како и локални чинители.
Настанот го отвори тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, Марјана Шушлевска, a потоа се обрати и помошник директорот на ЈП „Национални шуми“, Маре Басова – тело за управување на заштитениот предел „Осоговски Планини“ која укажа дека според расположливите податоци, на Осоговските Планини се среќаваат околу 185 меѓународно значајни видови, според светската црвена листа на загрозени видови, или според директивите на Европската Унија за птици и живеалишта, Бернската и Бонската конвенција, а 10 видови се „осоговски ендемити“ т.е. видови кои единствено живеат на Осоговските Планини. Дел од овие значајни видови може да послужат за идентификување и воспоставување на Натура 2000 подрачја, што е од огромно значење за ЈП “Национални шуми” како управувач со ЗП Осоговски Планини, а од друга страна ќе биде важно за исполнување на дел од условите за интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија.