Го прославуваме Светскиот ден на пчелата
Во последните години бројот на видови на инсекти значително се намалува, а брзината со која видовите исчезнуваат е толку сериозна, што научната јавност оваа појава ја нарекува апокалипсата на инсектите. Значaен број инсекти, вклучително и пчелите се опрашувачи, што значи нивното постоење е клучно и за опстанокот на цветните растенија, а со тоа и на човештвото.
За таа цел, во Едукативниот центар за зачувување на природата во с.Негрево на 20 мај го прославивме Светскиот ден на пчелата.
На овој ден се одбележаа заложбите за заштита на пчелите и развој на пчеларството, но и подигање на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачи , загрозеноста на нивниот опстанок и нивниот придонес за одржлив развој.
Настанот беше одбележан со поддршка на амбасадата на Република Словенија и Програмата за зачувување на природата (ПЗП), со повеќе активности како садење на медоносни растенија, работилница за подготовка на здрава храна за деца, презентација на мед и медни производи од здружението Меден Исток, како и доделување на награди за најдобрите ликовни и литературни творби од Брегалничкиот регион на тема “Пчелата живот значи”.