Значењето на природните реткости
Природни реткости се делови на живата и неживата природа кои како објекти на природата, поради своите научни, естетски, здравствени и други значења, културна, воспитно-образовни и туристичко-рекреативна функција се под посебна заштита на државата.
Природните реткости се дел од природното наследство на една држава. Природно наследство се делови на природата и локалитети кои се состојат од геолошки, физичко-географски или биолошки формации или група на такви формации, кои имаат исклучителна вредност од естетска, конзервациска или научна гледна точка.
Природно наследство може да биде: заштитено подрачје, строго заштитен или заштитен див вид, карaктеристични минерали и фосили, спелеолошки објекти или природна реткост.
Кај нас, природните реткости се уредуваат според Законот за заштита на природата. Па, според него како природни реткости можат да бидат прогласени одредени ретки, загрозени и ендемични, растителни и животински видови, нивни делови и заедници, релјефни форми, геолошки профили, палеонтолошки и спелеолошки објекти. Релјефни форми, геолошки профили, палеонтолошки и спелеолошки објекти, можат да бидат прогласени за природна реткост доколку нивната површина е помала од 100 хектари. Целта на природните реткости е заштита на важните локалитети во државата.
Во 2019 г. мрежата на заштитени подрачја во брегалничкиот регион се зголеми со прогласување на четири нови локалитети како природни реткости. Дабот од Бели и дудинката од Лесново се најстари примероци од овие дрвенести видови кај нас и меѓу најстарите дрвја во државата, профилот во Ѕвегор е еден од најзначајните геолошки профили, а Стамер преставува уникатен локалитет, богат со пикерминска фауна кој сведочи за изгледот на нашата држава од пред неколку милиони години.