Обука за пчеларство
Реализирана обука за млади пчелари во Брегалничкиот слив.
По објавениот конкурс на Програмата за зачувување на природата во Македонија, беа избрани 18 идни пчелари, од кои 6 жени, од различни делови на регионот кои во период од 3 месеци ја посетуваа обуката за млади пчелари во Кочани. Сите учесници на обуката се невработени млади лица кои што преку пчеларството гледаат можност за остварување на сопствени приходи.
Обуката беше спроведена во 10 модули, додека секој модул беше составен од едукативен и практичен дел каде учесниците во целост се запознаа со основите за пчеларење.
Обуката беше одржана од страна на двајца едукатори – пчелари од регионот со долгогодишно искуство, а програмата за реализацијата на еден ваков вид на обука беше подготвена во соработка со швајцарскиот експерт Ruedi Ritter.
За потребите на оваа обука беше воспоставен нагледен пчеларник со 54 пчелни семејства при што секој учесник во текот на обуката се грижеше за своите 3 пчелни семејства. На крајот од обуката, секој од учесниците овие 3 пчелни семејства ги постави на своја локација со што го означија почетокот на воспоставување на сопствени пчеларници. На секој од учесниците ПЗП им обезбеди опрема за почетници-пчелари со која би ги извршувале своите секојдневни обврски на сопствениот пчеларник.
На крајот од обуката секој од учесниците се стекна со потврда за завршена обука за млад пчелар.
Ваков тип на обука за прв пат се спроведува во Брегалничкиот регион, со што директно придонесуваме кон целта да имаме едуцирани пчелари кои преку одржливо искористување на придобивките од природата ќе започнат свој бизнис. Исто така, со спроведувањето на оваа обука сакаме да ја потенцираме важноста на македонската автохтона пчела Apis mellifera macedonica како нераскинлив дел од македонското пчеларство.