Се одржа втората работилница од Програмата за зачувување на природата во Македонија за развивање на активности на локално/микро регионално ниво
Во периодот од 8 до 10 февруари 2012 година, во хотел ,,Манастир“ – Берово се одржа втората работилница од Програмата за зачувување на природата во Македонија за развивање на активности кои се очекува да имаат ефекти на локално/микрорегионално ниво. На работилницата свое учество зедоа претставници на општините Берово, Пехчево, Виница, Зрновци, Делчево како и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), ЈП „Македонски шуми“ (подружници Берово и Пехчево), национална асоцијација на сопственици на приватни шуми, НВО сектор и други организации. Исто така на работилницата учествуваше и г-ѓа Станислава Додева, национален програмски советник во SCO Macedonia/SDC.
На работилницата беа обработени 2 области на интервенции кои се очекува да имаат локален/микро регионален ефект во горниот дел на Брегалничкиот регион и тоа:
- основи за развивање на еко село,
- прогласување на заштитено подрачје/подрачја во горниот дел на река Брегалница.
Од страна на координаторите на Програмата за зачувување на природата во Македонија беа подготвени презентации преку кои присутните беа запознати со главните карактеристики на Програмата, идеата за основање на еко село како и запознавање со заштитените подрачја во горниот дел на река Брегалница.
Во текот на целата работилница се работеше пленарно и во работни групи каде што учесниците имаа можност да ги разработат двете интервенции со локален/микро регионален ефект.