Се одржа состанок на научниот совет и советот на засегнати страни за ЗП Малешево
На 21 декември 2023 година во Берово се одржа заеднички состанок на Научниот совет и Советот на засегнати страни на заштитеното подрачје Малешево. Во првиот дел од настанот од страна на управувачот ЈП Национaлни шуми беа презентирани реализираните активности во изминатиот период, согласно Планот за управување со ЗП Малешево и Годишната програма, како и активностите кои се предвидени да се реализираат во текот на 2024 година. Активностите беа реализирани со целосна поддршка од Програмата за зачувување на природата – излезна фаза.
Во дискусијата од страна на присутните беше потенцирана потребата од интегриран пристап и меѓусебна соработка на сите засегнати страни во реализација на активностите и спроведување на надлежностите.
Во вториот дел од настанот, кој беше насочен кон можностите за одржливост и финансирање на заштитените подрачја, проф д-р Силвана Мојсовска од Економски Институт Скопје ја презентираше анализата за формирање на Фонд за животна средина, и позитивни искуства од земјите во регионот каде што функционираат слични модели, а Катерина Атанасовска од Фармахем ги презентираше искуствата од пилот активноста за примена на шема за екосистемски услуги имплементирана во ЗП Вевчани, во рамки на Програмата за зачувување на природата.
Присутните ја нагласија потребата од системска поддршка на заштитените подрачја од страна на државата за успешно функционирање и спроведување на активностите. Од друга страна, се уште е неопходна донаторска поддршка за да се овозможи одржливост и функционалност на заштитеното подрачје, при што како успешен и сеопфтен пристап во релизација на активностите беше посочена Програмата за зачувување на природата, поддржана од Владата на Швајцарија.
По завршување на настанот, присутните го посетија седиштето на ЗП Малешево во Пехчево.