Истражување и уживање во природата на есен
Есента за многумина поради колоритност во природата и пријатното време претставува најубавиот дел од годината. По долгите, топли летни денови, а пред ладните зимски ноќи – есента е одличен период од годината да се запознаеме и да уживаме во природата – особено шумските екосистеми. Брегалничкиот регион е посебно убав за време на есенските денови. Жолтите букови шуми, прошарани со старите борови и елови стебла, пространите есенски ливади и силно портокаловите полиња со папрат делуваат магично.
Рекреативни прошетки
Веќе е добро познато дека прошетките и престојот во природа и на отворено делуваат позитивно на психо-физичкото здравје. Преку престојот во природа, се поврзуваме со природните вредности, дишеме чист воздух и се препуштаме на звуците на природата. Шумите се посебни на есен. Мирисот на влажна почва, суви лисја, есенски цветови и габи ни делуваат релаксирачки. Есенскиот колорит делува како калеидоскоп од бои со што ни г одмора очите. Шумата на есен изобилува со чувство на смиреност, стабилност и промени.
Набљудување на природата
Есента е секогаш активен период за дивиот свет и природата. Животните ги користат последните топли сончеви зраци во нивните припреми за долгите, студени зимски денови. Птиците мигрираат, животните бараат престој да презимат, а растенијата и дрвјата ги носат своите последни плодови. Сето ова ја прави есента одличен период за набљудување на природата и животните. Дрвјата и вегетацијата се со проретчени гранки и лисја што ја зголемува видливоста низ шумата. Се што ви е потребно за ден исполнет со забава и проучување на природата е: двоглед, топла јакна и малку трпение.
Рекреација во природа
За разлика од летото, температурите во текот на есента со многу попријатни за престој во природа, активно движење и рекреација. Можеби есента е совршено време планинарење и прошетки во природа. Есента нуди и одлични услови за велосипедизам и велосипедски тури низ означените патеки. Секако, пикник и ден поминат на бескрајно жолтите полиња ја прави есента навистина посебна.
Фото сафари
За љубителите на фотографијата, есента е совршено време за фото сафари во природа. Шаренилото, топлите тонови на вегетацијата, позицијата на сонцето, колоритот на есенските неба и зајдисонца се се што е потребно за една одлична фото експедиција. Можноста да се сретне некое животно со што може да се вежба фотографирање на дивиот свет ја прави есента одличен период за уживање во хобито.
Брегалничкиот регион во себе ги поседува сите природни, пејзажни и естетски вредности да биде вистинска дестинација во која можеме да уживаме со есенското руво на природата. Низ регионот се наоѓаат нови, заштитени подрачја- познати по своите длабоки, стари и зачувани шуми кои сјаат со посебен есенски шарм во овој период на годината. Можеби, Брегалничкиот период е најубав во есента.