Шумските пожари и животната средина
Шумските пожари претставуваат силни горења на шумата кои може да доведат до неповратни еколошки промени во природата и животната средина. Историски, пожарите претставувале клучен дел од природниот циклус на планетата, служеле како начин за контрола на биолошката разновидност, ширење на зарази, регулирање на популациите и помагале во кружење на материите во природата. Но, денес шумските пожари со својата фреквентност, силина, јачина и интензитет претставуваат сериозна опасност, не само за шумските екосистеми, туку за целата природа воопшто. Денес, во Европа 9 од 10 пожари се предизвикани од човечки фактор – невнимание или пироманија, но поради климатските промени овие пожари горат посилно и подолго од било кога во историјата.
Причини за појава на шумски пожари
Шумските пожари може да настанат поради природни и човечки фактори. Овој вид на пожари има потенцијал да се шири многу брзо, особено во суви временски услови, хранејќи се од сувата вегетација и останат органски материјал во и низ шумата. Најчеста причина за појавата на шумски пожари се различни човечки активности како: неправилно одложување на логорски оган, отпушоци и догорчиња, дефект на електрична далноводна инсталација како и намерно палење или пироманија. Климатските промени значително влијаат врз ситуацијата, бидејќи високите температури и долгите сушни периоди создаваат идеални услови за ширење на огнената стихија.
Влијание на шумските пожари
Шумските пожари влијаат повеќестепено и може да остават ефект врз екосистемите, биолошката разновидност, квалитетот на воздухот, човечкото здравје и локалната економија. Пожарите ги уништуваат екосистемите, така што негативно влијаат врз живеалиштата, ги убиваат растенија и животните или предизвикуваат масовни емиграции. Дополнително, тие силно влијаат и врз природните регенеративни процеси со што директно влијаат и врз долгорочната отпорност на екосистемите. Квалитетот на воздухот целосно се намалува во случај на шумски пожар и огромните честички ослободени во атмосферата влијаат врз здравјето на повеќе генерации.
Можни решенија
Не постои едно идеално решение што би довело до трајно решавање на проблемите со шумските пожари и нивното појавување и штета, но постојат сет на насоки кои ќе помогнат до навремено намалување на потенцијалните штети и зачувување на шумите.
Превентивни мерки: Едуцирање на јавноста околу одговорноста при престој во природа и внимание при создавање на отворен оган како и соработка со локалните заедници околу воспоставување на прв обрач на заштита околу населбите, земјоделските површини и јавниот простор.
Рана детекција и брза реакција: Развивање на брз систем за рана детекција на појава на шумски пожари, што би довело до навремена контрола и гаснење.
Соработка и поддршка од локалната заедница: Обука на доброволни тимови и бригади за справување со пожари преку што се обезбедува директна активна заштита од пожари на локално и регионално ниво.
Инфраструктурна заштита: Создавање на природни заштитни обрачи околу населбите што би го спречиле ширењето на пожари, како и одржување на патна инфраструктура која ќе води до побрзо лоцирање и гаснење на пожарот.