Опасноста од палење стрништа
Есенските и зимските денови во руралните и земјоделските региони се проследени со темни и густи облаци од чад и дим што доаѓаат од запалените земјоделски површини и стрништа, на крајот на земјоделската сезона. Стрниште е ожнеано поле, нива или земјоделска површина каде што останала само сламата или други остатоци. Постојат два вида на остатоци од земјоделски култури на нивите, односно на стрништата по жетвата: a. остатоци на полето што се оставаат на полињата и земјоделските обработени површини или овоштарници откако ќе се соберат зрелите посеви и б. плодови од земјоделските култури.
Традиционално кај нас по обработката на културите на крајот од сезоната, дел од локалните заедници имаат навика да ги палат овие растителни остатоци. Ова се случува главно поради три главни причини или верувања: се чистат површините од непотребната растителна маса, се чистат површините од паразити и штетници и се хранат почвите со минерали преку изгорената растителна маса. Но, денес овие традиционални практики претставуваат повеќе општа опасност отколку придобивка и се нелегална активност во Северна Македонија. Оваа пракса има низа негативни последици кои нашите земјоделски производители не ги знаат или пак намерно ги занемаруваат. Со палење на стрништа доаѓа до долготрајно уништување на земјиштето, особено ако се изведува секоја година. Се убиваат корисните микроорганизми во земјиштето, кои се важни за рамнотежа и создавање на хумус. Покрај тоа, огнот од нивата може да се прошири и да предизвика пожар од поголеми размери.
Со палењето на земјоделските површини се зголемува загадувањето на воздухот, што води до локални и регионални промени во квалитетот на воздухот што може да влијае врз еколошката карта на целиот регион. Дополнително се зголемува опасноста од шумски пожари што може да ја уништат земјоделската инфраструктура, доводите на струја и вода како и околните градби и опрема.
Со цел зголемување на свесноста за опасноста од палењето на стрништа, преку Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија беше поддржан проект за одржливо управување со жетвените остатоци: Добра Земјоделска Пракса www.facebook.com/Dobra.zemjodelska.praksa во чии рамки беше изработено и ова видео на тема зошто палењето на стрништата е опасно за живиот свет и животната средина: https://www.youtube.com/watch?v=hcrLOogHcsU
Развојот на модерното земјоделство доведува до развој на нови, модерни технологии кои обезбедуваат поефикасна берба на земјоделските култури со минимум растителна маса што останува на површината, а она што ќе се собере може да се искористи и обработи како продукт за ѓубрење или биогориво. Значаен дел од најчестите штетници и паразити и онака не се присутни во текот на есента и зимата, што значи палењето на површините не гарантира нивно исчезнување следната вегетативна сезона.
Без разлика на вековните традиции, животната средина и условите се менуваат, со тоа мора да се менуваат и старите навики кои денес се вистинска опасност.