Одржани модул 6 и 7 од обуката за јакнење на капацитетите на заинтересираните страни за концептот за екосистемски услуги
Од 14 до 16 декември во х.Скардус на Попова Шапка беа одржани шестиот и седмиот модул од Обуката за јакнење на капацитетите на заинтересираните страни за концептот за екосистеми и екосистемски услуги. Модулите беа фокусирани на одржливото финансирање на заштитата на природата и сметководството за природен капитал.
Првиот ден, односно модулот 6 беше посветен на финансирање на заштита на природата (животната средина) и „зелени финансии“, а на учесниците на обуката, од страна на предавачот Младен Лазиќ, раководител на Одделот за програмирање проекти финансирани од Европска Унија и развојна помош во Министерството за финансии, им беа претставени и детално објаснети механизмите за одржливо финансирање на биодиверзитетот, екосистемите и заштитените подрачја во Западен Балкан и нивната примена.
Модулот 7 беше посветен на сметководство за природен капитал каде гостинот предавач, професорот по економија на Катедрата за економија на Универзитетот во Патра во Грција – Димитрис Скурас, првично го објасни целиот концепт, додека во продолжение на сесијата се фокусираше на неколку значајни теми како: Системот на еколошко-економско сметководство (централна рамка) интегрирани сметки и Системот на еколошко-економско сметководство – екосистемско сметководство (SEEA – Екосистемско сметководство).
Во текот на двата дена, освен предавањата од страна на гостите, се работеше и во работни групи со цел разработка и примена на механизмите во Северна Македонија на концептот за одржливо финансирање на заштитата на природата и беше презентирана студија на случај за примена на концептот за сметководство за природен капитал во басенот на реката Алфејос во Западен Пелопонез, Грција.
На обуката која што се одржува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), со поддршка на Владата на Швајцарија, координирана од Фармахем од Скопје, присуствуваа претставници на институции и организации кои се поврзани со управување и мониторинг на природното наследство (како веќе воспоставени заштитетни подрачја, оние кои се во постапка за репрогласување, невладини организации и сл.), со донесување на одлуки како и креатори на политики.