Посета на Амбасадорот Улман на Малешевијата
Амбасадорот Улман беше во посета на Малешевијата, за да се сретне со засегнатите страни и да се запознае со клучните резултати од поддршката на Швајцарија во изминатиот период.
Од страна на претставници на Програмата за зачувување на природата (ПЗП) и локалните чинители беа презентирани дел од постигнувањата на Програмата, поврзани со заштитениот предел Малешево, интегрираната туристичка понуда околу заштитеното подрачје, интерактивниот пристап за еколошка едукација на Едукативниот центар за зачувување на природата во Негрево, како и поддршката за ефикасно справување со пожарите – приоритет од Регионалниот план за унапредување на шумите во Малешевијата.
Поддршката на Швајцарија во одржливото управување со природните ресурси, обезбедување на социо-економски придобивки за локалното население и подигање на јавната свест за прашања поврзани со животната средина се од исклучително значење за регионот.