Совети за истражувачко лето
Убавото време, топлите долги денови, ведрото небо и мноштвото на активности во природата, го прави летото идеален период за истражување и учење во природа и запознавање со живиот свет. Запознавањето на природата е активност за која не постојат возрасни граници и освен што е забавно и едукативно, тоа е речиси бесплатно. Секој може да се упати кон најблиската шума, ливада па дури и градски парк и да ги истражува бескрајните тајни на живиот свет околу нас. Природонауката е особено интересна за децата, па затоа истражувањето на живиот свет, пешачење или планинарење се одлични активности за семејството и начин на кои може да се искористи убавото време.
Хранилка за птици
Дел од птиците се присутни кај во нас текот на целата година, а дел од нив мигрираат. Преку лето најголем број од птиците се присутни на нашите неба. Со цел се запознаеме со нивниот живот може да поставиме хранилка за птици на балконот, на прозор или во дворот. Птиците ќе ја посетуваат хранилката, а ние може да уживаме во нивното присуство.
Хранилка за пеперутки
Пеперутките се едни од најшарените и најубавите инсекти во природата. Поради начинот на кои се движат, но и поради обоеноста на крилјата, тие полесно може да се проучат и истражуваат. Со цел да имаме можност за одблиску да се запознаеме со нив, можеме да поставиме хранилка за пеперутки. Многу едноставно, на еден пластична или картонска чинија поставува неколку јажиња со цел да ја закачиме чинијата да виси слободно во просторот. Во чинијата ставаме неколку парчиња свежо летно овошје. Останува да чекаме пеперутките да го пронајдат овошјето и додека тие се сладат, ние имаме можност да ги проучиме и фотографираме.
Набљудување на ноќни летачи
Топлите летни ноќи се полни со различни видови на инсекти во воздухот. За да можеме да видиме дел од нив, ќе треба само во мрак да запалиме мала светилка или ламба свртена кон бел или светол ѕид. Светлината ќе ги привлече инсектите и ние ќе може да уживаме во сите нивни бои и форми.