Одржан модул 2 од обуката за јакнење на капацитетите на заинтересираните страни за концептот за екосистемски услуги
На 27 и 28 април, во х.Бистра, Маврово се одржа вториот модул од Обуката за јакнење на капацитетите на заинтересираните страни за концептот за екосистемски услуги. Темата на модулот 2 беше: Картирање и проценка на екосистемите и екосистемските услуги.
Модулот започна со предавањето на Panayotis Dimopoulos, професор по ботаника и екологија на Катедрата за биологија при Универзитетот во Патра, Грција кој што зборуваше за проценка и картирање на екосистемски услуги (концепт, рамка, идикатори) и за развојот на MAES (Mapping and assessment of ecosystem services) во заштитените подрачја на Грција, користејќи податоци од Директивата на ЕУ за живеалишта. Првиот ден се затвори со дискусија за развојот и спроведување на МAES во Република С.Македонија и вежба за проценка и картирање на екосистемските услуги во заштитен предел „Осогово“ преку користење на Матрица за ЕУи.
Вториот ден беше во знакот на презентацијата на MAES_GR: Веб-базирана, просторно овозможена платформа за теренско истражување за потребите на спроведување на MAES во Грција и предавањето за флористичкиот диверзитет, екосистемски услуги и импликации за управување во Националниот парк и УНЕСКО Глобалниот парк „Планина Челмос“ Грција.
На обуката која што се одржува во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје, присуствуваа претставници на институции и организации кои се поврзани со управување и мониторинг на природното наследство (веќе воспоставени заштитетни подрачја, оние кои се во постапка за репрогласување и сл.), со донесување на одлуки како и креатори на политики.