Засадени 500 медоносни дрвја на повеќе локации во Брегалничкиот регион
Како дел од организираниот Ден за садење медоносни растенија, Програмата за зачувување на природата обезбеди 500 садници медоносни растенија за членовите на здружението Меден Исток. Претставници од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, Македонското еколошко друштво и здружението Меден Исток, во саботата (26.03.2022) засадија даб, питом костен, јавор и јасен околу развојниот пчеларник на Меден Исток во близина на село Моштица, Македонска Каменица. Оваа иницијатива на Словенечкиот пчеларски сојуз се спроведува низ цел свет со цел да се зголеми достапната паша за пчелите и другите опрашувачи, а кон истата се приклучија повеќе од 100 организации од 25 земји низ цел свет.
Целта е да се зголеми свесноста за важноста за садење медоносни растенија, притоа внимавајќи при изборот на растенија за засадување да се одберат автохтони, домашни видови кои се својствени за средината во која се засадуваат и не делуваат инвазивно врз останатите видови во околината. Зголемување на достапната паша за пчелите и другите опрашувачи преку садење медоносни растенија треба да се практикува од страна на сите поединци и организации, во секоја прилика и на секаде.