Истражување на природата во лето
Летото претставува најтоплиот период од годината во Европа, во нашата држава и низ целата Северна Хемисфера. Ова е период кога живиот свет е најактивен, а растенија цветаат, растат и се создаваат плодови. Деновите се топли и долги и одлични за престој на отворено. Затоа, летото е можеби најдобриот дел од годината за истражување на природата. Планинарењето, планинскиот велосипедизам и прошетките низ природа може значително да се збогатат, доколку ги искористиме освен за рекреација и за проучување на природата, биолошката разновидност и релјефот.
Заштитата на природата и грижата за живиот свет е заедничка обврска и во тоа мора да се вклучат сите. Но, пред да почнеме со активности за заштита на природата, мора прво да учиме за и со неа. Само преку запознавање на природата, нејзините тајни и процеси, ниe како луѓе и цивилизација можеме конечно да ја разбереме вредноста што се добива да живееме во здрава, чиста и заштитена животна средина. Еколошко образование, не треба да подразбира само учење за одржливиот развој и лична култура, туку и проучување на природата.
Еве неколку предлог активности за тоа, како може да ги искористите летните денови за запознавање со живиот свет одблиску.
Дигитален фото хербариум и инсектариум
Хербариум претставува збирка на исушени и пресувани растенија. Најчесто во хербариумот се чуваат цели растенија, но не ретко и нивни плодови, семки или израстоци се сретнуваат како додаток. Инсектариум пак, збирка на препарирани инсекти. Често и други препарирани безрбетници се колекционираат во инсектариум. Денес, соочени со значајно намалување на бројот на популациите и бројот на видовите на живи организми, мора многу да внимаваме на начинот на кој се однесуваме во природата. Постои тенка но многу видлива граница помеѓу собирање на живи организми или делови со цел нивно проучување и едукација и помеѓу собирање кое би довело до нивно уништување. Но, за среќа модерната технологија ни овозможува да ги колекционираме живите организми во дигитална форма како фотографија. На овој начин, ние никако не влијаеме врз нив, сеќавањата за средбата со нив ќе имаме вечно, а нашето знаење за природата се зголемува. Наместо да заловуваме инсекти и да береме растенија, можеме да ги зачувуваме во нашите дигитални природонаучни збирки.
Набљудување на птици (птичарење)
Набљудувањето на птици е едно од најпопуларните хобија на светот. Набљудувањето на птици е процес на проучување на птиците и нивната екологија преку набљудување на нивниот живот со помош на оптичко помагало (двоглед) и слушајќи ја нивната песна и звуци. Набљудувањето на птиците може да се одвива во текот на целата година. За ова е потребен двоглед и многу внимание. Различни видови на птици се активни во различен период на денот. Летото е идеален период за набљудување на птици, зошто тие се активни постојано, а и голем број од преселните птици во летните месеци се наоѓаат низ полињата и шумите кај нас.