Однесување во заштитени подрачја
Заштитени подрачја се географски простори, региони и области кои се наоѓаат под формална заштита и управување со цел заштита на ретките и значајни природни вредности што тие ги поседуваат. Заштитените подрачја имаа клучна улога, не само во заштитата на животната средина, живиот свет и екосистемите, туку се клучни за едукација на јавноста и можност јавноста да ја искуси природата.
Рекреацијата во природа, особено во подрачје под заштита е важна екосистемска услуга што не води само до поактивна заштита на природата и живиот свет, туку и можност за финансирање и самоодржување на заштитеното подрачје како администрација. Што значи дека посетите во овие подрачја се препорачани и добредојдени. Но, движењето низ овие простори како и рекреативните активности мора и треба да се во баланс со целите и програмите за заштита на биолошката разновидност како и врз влијанието на живеалиштата. Затоа, постојат неколку правила и насоки за тоа како треба да се однесуваме во подрачје под заштита:
- Секогаш следете ги насоките и правилата јасно означени низ информативните точки во подрачјето. Доколку нема јасно означени правила, однесувајте се кон просторот разумно и одговорно.
- Секогаш движете се по предвидената и планираната патека. На овој начин вие секогаш ќе знаете дека сте на правиот пат и нема дополнително да влијаете врз живиот свет.
- Не оставајте зад себе отпад.
- Никогаш не палете оган на отворено. Во многу подрачја под заштита, палењето оган е строго забрането.
- Кампувајте само на места предвидени за кампување. Во многу подрачја под заштита, кампувањето е строго забрането.
- Избегнувајте да собирате растенија, шумски плодови, животни, делови од животни (коски, черепи, рогови). Наместо тоа фотографирајте го живиот свет околу вас и уживајте во неговото присуство.
- Не оставајте храна и отворени садови со течност зад вас. Дивите животни не треба да се хранат со човечка храна.
- Движете се низ просторот внимателно, тивко. Гласно зборување или пак музика може да го вознемири живиот свет околу вас.
- Доколку дојдете во контакт со диво животно, однесувајте се разумно, следејќи ги правилата за однесување со див свет.
- Никогаш не заборавајте дека се наоѓате во подрачје со исклучителни природни вредности, на кое сите треба да внимаваме.