05
Фев
2020

Раѓањето на Медена земја

Инспиративна приказна, природа што го одзема здивот, лекција за одржлив развој и група од четири млади филмски креативци… Идејата за македонскиот документарен филм „Медена земја“ номиниран за Оскар беше откриена преку Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

Снимање на документарниот филм Медена Земја © Љубомир Стефанов

„Медена земја“ е веќе добро познат документарен филм со над 35 награди добиени на најпрестижните филмски фестивали низ целиот свет, и со две номинации за Оскари: во категориите најдобар документарен филм и најдобар интернационален филм. Денес, многу луѓе го препознаваат мотото на херојот на „Медена земја“ Атиџе Муратова: „Земете половина од медот и оставете ја другата половина за пчелите. Ако некој го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената.“ Но, многу луѓе не знаат дека Атиџе, последната жена која одгледува диви пчели во Европа, е откриена преку Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Па, како сето тоа започна?

Во последните 8 години Швајцарија ја поддржува реализација на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, која има за цел да ја поддржи земјата во зачувувањето на своите природни екосистеми и извонреден биодиверзитет, преку промоција на нивното одржливо користење и управување. Целното подрачје на програмата е брегалничкиот регион. Во првите три години од проектот, повеќе од 30 експерти беа ангажирани да спроведат истражувања за биолошката разновидност во овој регион. Резултатите покажаа дека регионот на Брегалница  има огромно значење за геоморфологијата и биолошката разновидност, заради присуството на фосилно корито и меандри на реката Брегалница и присуство на многу различни видови на флора и фауна и живеалишта. Што е уште поинтересно, за време на овие теренски посети експертите се запознаа со Атиџе и го открија нејзиниот уникатен стил на пчеларство и производство на мед.

За да ги промовира важните наоди од истражувањето, ПЗП ангажираше група на млади локални режисери за продукција на серија кратки промотивни видеа за подигање на свеста за уникатната биолошка разновидност на регионот, од кои едниот беше фокусиран на одржливи практики во пчеларство. Но, кога филмската екипа за прв пат ја запозна Атиџе, идејата за краткото видео еволуираше во нешто повеќе. На почетокот, како што објаснија режисерите, тие сметаа дека начинот на кој Атиџе се грижи за пчелите е некој вид на традиција или церемонија. Сепак, откако разбраа што стои зад идејата „земи половина, но остави ја другата половина“, се роди документарецот.

„Филмот е повеќеслоен, тој го покажува животот – сам по себе. Ги опфаќа раѓањето, животот и смртта. Главната порака е дека треба да има правична поделба, т.е. употреба на природните ресурси. Тоа е всушност принципот на пчеларството на Атиџе“, вели режисерот Љубомир Стефанов.

ПЗП и SDC ја препознаа вредноста на приказната на Атиџе како моќен начин за подигање на јавната свест за заштита на животната средина и одржливо користење на ресурсите. Поддршката за пост-продукција на документарниот филм дојде од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Екипата за снимање на докумeнтарецот брои четири млади членови кои работеа заедно на подготовка на „Медена земја“: режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума кои продуцираа околу 400 часа снимен материјал, со цел да се продуцира документарецот. Тие ја следеа Атиџе три години и научија многу за нејзиното едноставно правило за одржливост и одговорност за другите.

„Кога ќе погледнам назад, ниту еден чекор во долгиот пат на правење на овој филм не може да се нарече „лесен“. Живеење и работење во овие три години во скоро неподносливи услови за живот, во село без патишта, електрична енергија, проточна вода или достапна храна, искасани од пчели и болви на +40С, или изложени на мраз и студ на -20С… Потоа подоцна, трошење повеќе од 10 часа на ден во просторијата за уредување на филмот повеќе од една година. Причината за правењето на овој филм многу пати беше доведена во прашање, но на крајот, конечниот резултат е нешто со што не можеме, а да не бидеме горди“, рече Тамара Котевска, режисерка на „Медена земја“.

Во наредните години, преку Програма за зачувување на природата, Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува Република Северна Македонија во зачувување на извонредниот биодиверзитет и природните екосистеми, преку промовирање на нивното одржливо користење и управување.

You are donating to : Greennature Foundation

How much would you like to donate?
$10 $20 $30
Would you like to make regular donations? I would like to make donation(s)
How many times would you like this to recur? (including this payment) *
Name *
Last Name *
Email *
Phone
Address
Additional Note
paypalstripe
Loading...