Одбележан 22 мај – Светски ден на биолошката разновидност
На 22 Мај во Скопје беше одбележан Светскиот ден на биолошката разновидност со промоција на два значајни стратешки документи – Национална стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Национална стратегија за биолошка разновидност со Акциски план (2018-2023).
На настанот кој го организирааше Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка на Програмата на ООН за животна средина – Канцеларија во Скопје, Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија и Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, свои обраќања имаа:
- Садула Дураки, министер за животна средина и просторно планирање,
- Стефан Томажијан, заменик амбасадорот на Швајцарија во Р. Северна Македонија,
- Искра Стојанова, претставник на Програмата на ООН за животна средина, Канцеларија во Скопје и
- Бертолд Ширм, проектен менаџер во Германското друшво за соработка (ГИЗ).
За промоцијата на двата важни документи, министерот Садула Дураки во своето обраќање истакна:
Со имплементацијата на активностите од акционите планови на двете стратегии ќе го унапредиме спроведувањето на националната легислатива за заштита на природата, имплементацијата на ЕУ директивите за живеалишта и птици како најважни инструменти на ЕУ за заштита на природата, и поефикасно ќе ги имплементираме одредбите од меѓународните конвенции и договори од областа на заштита на природата.
Тема на годинешното одбележувањето на Светскиот ден на биолошката разновидност беше „Наша биолошка разновидност, наша храна, наше здравје“, со што се потенцира поврзаноста на зачувувањето на биолошката вразновидност на живиот свет со храната која секојдневно ја конзумираме и со здравјето на сите живи суштества на оваа планета.