Реализирана напредна обука за производи од мед и други пчелни производи на членовите на јадрената група „Меден Исток“
Во рамки на активностите на проектот за одржливи практики во пчеларството беше реализирана напредна обука за производство на производи од мед и други пчелни производи, како продолжување на основната обука за одржлив начин на одгледување на пчелни семејства. Обуката се спроведуваше во 9 модули во периодот мај и јуни оваа година, на која учествуваа 7 млади амбициозни пчелари од брегалничкиот регион, а со интерес и од страна на 3 жени пчелари. Учесниците на обуката имаат за цел одржливиот начин на одгледување на пчели да им биде сериозна деловна активност и извор на дополнителни приходи.
Обуката беше спроведувана од страна на искусниот пчелар и едукатор Ванчо Кировски, кој своето долгогодишно искуство и знаење го пренесе на учесниците на обуката, преку низа практични вежби на нагледниот пчеларник поставен на локација во близина на Кочани.
Младите учесници имаа можност да се здобијат со теоретско и практично знаење за подготовка на производи од мед и други пчелни производи, како што се: прополис, перга, матичен млеч, пресадување на ларви, производство на матици, формирање на роеви и друго, кои имаат висок потенцијал за додадена вредност на основното пчеларско производство. Преку практичната примена на знаењето од обуката за производи од мед и други пчелни производи, младите пчелари ќе можат да ја прошират понудата на своите пчелни производи, а со тоа и да ги развиваат своите претприемачки и бизнис способности и да бидат поконкурентни на пазарот. Со оваа обука Програмата за зачувување на природата ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на пчеларите на ЈГПБР – Меден Исток.