Организирана посета на Брегалничкиот регион за група Instagram корисници
Во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2, како дел од програмската активност за подигање на јавната свест за значењето на природните вредности, претходниот викенд на 02 и 03 јуни беше организирана посета во Источниот плански регион за група на Instagram корисници од Македонија. Целта на посетата беше да се презентираат атрактивни туристички локации во делот по течението на реката Брегалница, како и да се претстават проектите кои што се спроведени или се спроведуваат од страна на Програмата.
Првиот ден учесниците имаа можност да посетат повеќе локации во средна Брегалница: во Лесново беа посетени локалитетот каде се ваделе воденичарски камења, Лесновските пештери, дел од Лесновскиот кратер и Лесновскиот манастир.
Во с.Уларци од набљудувачница за птици учесниците можеа да ги набљудуваат птиците, како и оризовите полиња, а во с.Чешиново имаа можност да го видат најголемото гнездо за штркови во Европа.
Во с. Мородвис беа посетени групата платанови стебла кои се прогласени за природна реткост и Археолошкиот локалитет „Црквиште“.
Посетени беа и Водопадите на брана Гратче во близина на Кочани, како и пчеларник, каде учесниците се запознаа со активностите за поддршка на одржливо производство на мед во рамки на Програмата.
Вториот ден вклучуваше посета на Манастирскиот комплекс Св. „Архангел Михаил“ во Берово, Беровско (Ратевско) езеро, водопадот „Црн дол“, Барскиот еко систем „Езерце“ и адреналинска патека. Исто така беа посетени локалитетот „Јудови ливади“ со ендемичното растение Drosera Rotundifоlia, едукативниот центар за зачувување на природата во с.Негрево, каде учесниците беа запознаени со биоразновидноста на Брегалничкиот слив, како и Езерото Калиманци.
Фотографии од посетата можете да погледнете на нашиот Instagram профил: @sogrizadoberiket, додека фотографиите од останатите корисници може да ги прегледате на #БрегалничкиСлив.
Видео од Инстаграм турата: