Геотуризам (дел 2)
Посебна геотуристичка вредност во сливот на реката Брегалница има околината на Пробиштип. Во самиот град е уникатната минералошка збирка која наскоро ќе добие нов и репрезентативен простор. Во околината на градот има десетина вулкански купи, а на само 3 km е Лесновскиот кратер, еден од најсочуваните и најинтересните на Балканот.
Лесновскиот кратер се наоѓа во западниот дел на Осоговските Планини, помеѓу Пробиштип и с. Злетово. Тоа е меѓу најдобро сочуваните фосилни вулкански кратери во Република Македонија и на Балканскиот Полуостров. Пречникот на кратерот е околу 1.5 km, а неговата длабочина 150 – 200 m. Околу центарот на кратерот прстенесто се распоредени 7 – 8 купести ридови, односно вулкански некови (чуки). Од нив највпечатлив е северниот рид Илин Крст (1127 m), кој веројатно бил главен вулкански центар, од каде избивало најголемо количество лава и вулкански материјал.
Низ средишниот дел на кратерот, во правец североисток-југозапад, тече малата Лесновска Река, која ја пресекува западната рамка на кратерот. На местото на пресекот, долината на оваа рекичка е многу интересна, стрмна и со голем број дупки (пештери) по страните. Вдлабнатините и дупките во карпите не се природни туку направени од човекот, кој го вадел квалитетниот, цврст вулкански камен (андезит), од кој изработувал воденички камења. Всушност, околните села, а посебно Лесново, биле познати по изработка на многу квалитетни и барани воденички камења. Инаку, вулканската активност на овој простор почнала пред околу 30 – 35 милиони години. Вулканот имал силни, експлозивни ерупции, проследени со исфрлање големо количество пепел, гасови и густа лава. Затоа во околината има траги од течење на лава, а има и појави на вулкански бомби.
Преку него, може да се согледа бурната геолошка историја на овој простор во последните 30 милиони години. На 5 km јужно од Пробиштип, покрај патот кон с. Злетово има појави на вулкански топки или вулкански бомби, некои од нив совршено заоблени, а слични појави има и кај с. Добрево. Кај с. Злетово се навлегува кон можеби најубавата клисура во ИПР, Злетовската Клисура, чиј најстрмен и најфасцинантен дел (до с. Којково) е долг 10 km. Овде туристите движејќи се дури и само по добриот асфалтен пат, може да уживаат во дивата природа, длабоките речиси кањонски страни, повеќе водопади, прекрасни видици кон остатоците од некогашните вулкани и многу друго.
На исток од с. Злетово е уште еден одличен геолокалитет, Раткова Скала, која има изглед на огромни, застрашувачки карпи, составени од кварцити. Во близина на Штип, најинтересни геотуристички локалитети се Исарот и малата сатеска на Брегалница, потоа долината на Радањска Река, која има речиси вонземски изглед, малиот, но интересен кањон Камник, кој се надоврзува на споменатата долина, како и пештерите под врвот Туртел.
Првиот дел од блог постот можете да го прочитате овде: Геотуризам (дел 1)