Прв македонски ден на Бернскиот Универзитет за применети науки (BFH-HAFL)
Со цел одбележување на двата јубилеја, 50 години постоење на Бернскиот Универзитет за применети науки (BFH-HAFL) и 70 години постоење на Шумарскиот факултет од Скопје беше организиран првиот македонски ден на Бернскиот Универзитет за применети науки. Претставници на Програмата за зачувување на природата во Македонија, Шумарскиот факултет од Скопје и студенти на Факултетот за земјоделство, шумарство и храна (HAFL) имаа можност да ги презентираат резултатите од нивната работа во Македонија. На настанот присуствуваа вршителот на должноста македонски амбасадор во Швајцарија Н.Е г. Рефет Хајдари, претставници на голем број на институции од Швајцарија, професори и студенти од Факултетот за земјоделство, шумарство и храна (HAFL).
Настанот се одржа на 1.12.2017 година во просториите на Бернскиот Универзитет за применети науки во Цоликофен, Швајцарија и започна со обраќање на директорот на Факултетот за земјоделство, шумарство и храна проф. д-р Магдалена Шиндлер Штокар која ја истакна важноста на научната соработката помеѓу двете научни институции. Поздравен говор имаше и проф. д-р Јурген Бласер кој е одговорен за соработката помеѓу овие две научни институции.
Преку презентацијата на г. Цветан Николовски, програмски советник на Програмата за зачувување на природата во Македонија присутните имаа можност да се запознаат со реализираните и идните активности на ПЗП. Претставени беа и постигнатите резултати во рамки на компонентата која се однесува на одржливото управување со шумите како за соработката помеѓу двете научни институции.
Присутните имаа можност да проследат и научно предавање на тема која се однесува на костеновиот рак од страна на проф. д-р Кирил Сотировски од Шумарскиот факултет во Скопје.
Во рамки на настанот швајцарските студенти кои за потребите на своите дипломски и магистерски тези вршеа истражување во Македонија заедно со нивните тандем колеги од Шумарскиот факултет од Скопје имаа можност да ги презентираат нивните резултати пред присутните.
„Јас сум Жаклин Бутикофер, првата студентка на BFH-HAFL која во 2013 година имаше можност својата дипломска да ја подготви со истражување направени во Брегалничкиот регион и во соработка со Шумарскиот факултет во Скопје. Прекрасно е чувството што можам да ги презентирам резултатите од моето истражување пред толкав голем број на учесници на овој настан. Бидејќи бев првата студентка искрено по моето дипломирање не ја следев работата на Програмата, но по презентацијата која ја видов денес за постигнатите резултати можам да забележам дека овој проект направил вистински прогрес кон зачувување на природата во Брегалничкиот регион“.
Во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија воспоставена е соработка помеѓу УКИМ Шумарскиот факултет од Скопје и Бернскиот Универзитет за применети науки, Факултетот за земјоделство, шумарство и храна (BFH-HAFL) кои заеднички работеа на подобрувањето на наставната програма на Шумарскиот факултет во Скопје како и кон пренесување и размена на знаење помеѓу двете институции за новите пристапи во шумарството. Во рамки на оваа соработка и со поддршка на Програмата за зачувување на природата во Македонија досега 7 македонски и 8 швајцарски студенти имаа можност да ги подготват своите дипломски и магистерски тези истражувајќи во Брегалничкиот регион. Воедно во рамки на оваа соработка една македонска студентка, Марија Стерјовска, имаше можност да ја одбрани својата магистерска работа на Бернскиот Универзитет за применети науки, Факултетот за земјоделство, шумарство и храна (BFH-HAFL).