Се одржаа третиот и четвртиот модул од обуката за јакнење на капацитетите на општините
На 21 и 22 април во х.Сириус во Струмица се одржаа третиот и четвртиот модул од обуката за јакнење на капацитетите на општините за надлежностите, начините и можностите за зачувување на биолошката разновидност и одржливото управување и користење на природните ресурси.
На третиот и четвртиот модул со наслов „Зачувувањето на биолошката разновидност во плановите и услугите на општините“ и „Одржливо користење и управување на природните ресурси“ соодветно, учествуваа претставници на општините од сливот на р.Брегалница, како и општините од Југоисточниот плански регион, како таргет општини на проектите координирани од UNDP.
На учесниците, првиот ден кој се однесуваше за третиот модул, им беа оддржани презентации за улогата на локалната самоуправа во заштита и управување со природно наследство; беа запознаени со состојбата со заштитените подрачја во сливното подрачје на река Брегалница (резултати од спроведената еколошка анализа); што претставува и како изгледа студија за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, план за управување со заштитено подрачје и елаборат за валоризација или ревалоризација на природна реткост. По оддржаните презентации следуваше работа во групи за изработка на елаборат за валоризација или ревалоризација на природна реткост.
Во текот на вториот ден, кој пак се однесуваше на четвртиот модул, беа оддржани презентации за можности на локалната самоуправа за зачувување и одржливо користење на природните вредности, како и за потенцијална економска вредност на колониите на бели штркови во Селото на штркови Чешиново-Облешево – можности и закани за развој на еко-туризам во Чешиново-Облешево.
На крајот следуваше работа во групи за подготовка на туристичка понуда која ќе се заснова на промоција на природните вредности кои ги има на територијата на општините.