Отпочна реализацијата на проектите на општините за зачувување на природата во Брегалничкиот слив
На 10.07.2015година во Пехчево беа потпишани договорите за финансирање на предлог-проекти меѓу Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП) и 9 општини од Источниот плански регион. Со тоа официјално отпочнува имплементацијата на проектите кои имаат за цел да им помогнат на локалните заедници од Брегалничкиот слив да ја зачуваат природата и одржливо да управуваат со природните ресурси во регионот. Во следниот период се очекува комплетирање на проектната документација и на останатите општини, по што ќе следува имплементација на предвидените активности.
Договорите во име на Фармахем, координатор на ПЗП во Македонија ги потпиша Управителката на Фармахем, Марјонка Велјановска, а финансиската поддршка на ПЗП е 700.000 денари по проект. Општините имаат сопствено учество во висина од 20% до 50% од износот на ПЗП. Проектите се очекува да завршат со реализација до крајот на 2015 година.
Повикот за предлог проекти на општините, како дел од активностите на ПЗП беше објавен во март 2015 година и на него имаа можност да се пријават сите општини од Брегалничкиот слив. Повикот беше на некомпетитивна основа, односно сите општини од Брегалничкиот слив имаа можност да добијат поддршка за имплементација на еден предлог-проект кој ги исполнува дефинираните критериуми и се однесува на една од областите:
– зачувување на природата или
– примена на еколошки практики, обновливи извори на енергија и мерки за енергетска ефикасност.
Постапката за одобрување на проектите се одвиваше во 2 фази- доставување на концепти за проектни идеи и подготовка на предлог-проект со пропратна документација. До крајниот рок за доставување на концепти во Локалната канцеларија на ПЗП во Пехчево пристигнаа вкупно 14 пријави.
На состанокот на Советот на ИПР во Пехчево пред градоначалниците беа презентирани и резултатите од досегашните активности на „Анализа на недостатоците во еколошките податоци и изработка на карта на еколошка сензитивност за подрачјето на сливот на река Брегалница“.