Отпочна реализацијата на проектот за Едукативен центар за зачувување на природата во Брегалничкиот регион
На 11.03.2015 година, со официјалното потпишување на договорот меѓу Програмата за зачувување на природата во Македонија и општина Пехчево, отпочна со реализација проектот „Воспоставување на Едукативен центар за зачувување на природата во Брегалничкиот регион во с. Негрево, општина Пехчево“.
На прес конференцијата во Пехчево која се одржа по тој повод, беа презентирани очекуваните резултати од реализацијата на проектот, како придонес кон зачувувањето на природата во Брегалничкиот регион, преку едукација и подигање на јавната свест, како и промоција на одржливото користење на природните ресурси.
Според градоначаникот на општина Пехчево Игор Поповски, Едукативниот центар има големо значење за идниот развој на општината и зачувувањето на природата во Брегалничкиот регион и пошироко, особено заради фактот што локацијата на Едукативниот центар е дел од Балканскиот зелен појас.
Важноста на овој прв центар од ваков вид во Република Македонија беше потенцирана и од страна на Франк Видеркер, Регионален советник за води и животна средина при Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, кој истакна дека Едукативниот центар ќе овозможи да се научи повеќе за природата на нов, иновативен и креативен начин, а посетителите ќе научат како да ги користат природните ресурси и во исто време да ги заштитат.
Националниот тим лидер на ПЗП во Македонија Марјана Шушлевска накратко ги презентираше активностите на Програмата кои се реалираат во Брегалничкиот регион, како и транспарентниот процес за избор на локација за Едукативен центар за зачувување на природата. Таа истакна дека ова е најважен проект што ќе даде брзи и видливи резултати во рамките на ПЗП, кој ќе го поддржи едукативниот процес на сите нивоа од образованието во регионот па и пошироко во државата и ќе ја збогати содржината на еднодневните едукативни екскурзии на учениците кои се организираат во рамките на образовниот процес, а истовремено ќе придонесе и кон промоција на природното богатство од регионот и начините на неговото одржливо управување и користење.
За регионалната димензија на Едукативниот центар за зачувување на природата и потребата за заедничка промоција зборуваше и директорката на Центарот за развој на Источниот плански регион Драгица Здравева.